Лошите заеми ги тресат балканските банки и од рај го претворија регионот во црна дупка за меѓународните банки, намалувајќи ја нивната можност да даваат заеми и да се потпираат на економскиот потенцијал на стопанствата. Kризата ги затвори шалтерите за нови заеми, а банките на Балканот с` попретпазливо избираат кому ќе дадат кредит, мерејќи три пати какви се шансите долгот да не се врати. Рекордер по ненаплатливи кредити е соседна Грција, каде што тие сочинуваат 28 отсто од вкупно издадените заеми, а во чекор ја следи Србија, каде што лошите заеми во септември достигнаа 24,5 отсто, иако во почетокот на годинава изнесуваа 19 отсто. Нефункционалните кредити во Албанија изнесуваат 24 отсто, 15 проценти се во Босна, во Црна Гора се 17 отсто и 14 отсто во Хрватска.
Лошите заеми ги тресат балканските банки и од рај го претворија регионот во црна дупка за меѓународните банки, намалувајќи ја нивната можност да даваат заеми и да се потпираат на економскиот потенцијал на стопанствата.
Kризата ги затвори шалтерите за нови заеми, а банките на Балканот с` попретпазливо избираат кому ќе дадат кредит, мерејќи три пати какви се шансите долгот да не се врати.
Рекордер по ненаплатливи кредити е соседна Грција, каде што тие сочинуваат 28 отсто од вкупно издадените заеми, а во чекор ја следи Србија, каде што лошите заеми во септември достигнаа 24,5 отсто, иако во почетокот на годинава изнесуваа 19 отсто. Нефункционалните кредити во Албанија изнесуваат 24 отсто, 15 проценти се во Босна, во Црна Гора се 17 отсто и 14 отсто во Хрватска. Според податоците на Европската централна банка, кон крајот на 2012 година износот на лошите кредити во Бугарија е 12,5, а во Романија 18 отсто.
Додека „нефункционалната“ треска го тресе Балканот, македонските банки засега стојат најдобро во регионот. Со 11,5 отсто или над 400 милиони евра ненаплатливи кредити, нашите банки засега се справуваат со предизвиците, иако загрижувачки беше трендот на континуиран пораст на ненаплатливите побарувања, особено на компаниите. Банкарите признаваат дека се стегнати во одобрувањето на новите заеми, особено за компаниите каде што овие лоши пласмани достигнаа 14,9 отсто, за разлика од домаќинствата, кои не можат да вратат 6,9 отсто од кредитите. Но велат дека за добар проект секогаш има пари. Стопанствениците, пак, признаваат дека неликвидноста во стопанството имаше свои последици, но се децидни оти на сите ќе им биде полесно ако банките почнат да ги гледаат компаниите како партнери и наместо хипотеката, да ја мерат вредноста на предложениот проект.
- Генерално, мој став е дека дел од проблемите со неликвидноста на претпријатијата и неможноста да се враќаат кредитите првенствено се поради неподготвеноста на компаниите, но и на банките за правилна оцена на профитабилноста и на успехот на проектот. Македонските банки го претпочитаат посигурниот, полесниот метод на давање кредити покриени со хипотекарни гаранции, што самото по себе не е гаранција за враќање на кредитите. Мислам дека би било корисно банките да го променат односот од класични позајмувачи на пари, во некој вид партнери на компаниите како секаде во светот - вели Антони Пешев, потпретседател на Стопанската комора на Македонија.
Според првиот човек на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски, ние не стоиме толку лошо со лошите пласмани во споредба со соседните земји.
- Последните години има благ раст, што не е толку страшно. Треба да се загрижиме и да мислиме што понатаму тогаш кога овие нефункционални кредити ќе преминат 15 отсто од вкупно издадените кредити. Состојбата е добра кај граѓаните, но ситуацијата со враќањето на заемите е влошена кај фирмите. Сепак, ако растот на економијата продолжи, ќе се подобрат перформансите и на компаниите и трендот на лоши заеми ќе запре. Не гледам црно на работите, бидејќи овој тренд се контролира и во последниот месец имаше и подобрување. Ако продолжи трендот на пораст на економијата, нема да растат нефункционалните кредити - вели Јанчевски.
И за експертите, бројката од 11,5 отсто лоши кредити не е алармантна, бидејќи во другите земји е повисока.
- Но, тоа ќе се одрази на позабавеното темпо на кредитирање на македонските претпријатија. Сите сценарија се можни и неповолни, бидејќи банките сакаат да си го заштитат капиталот. Затоа е добро да се создадат кредитно-гарантни фондови, со пари од повеќе извори, како јавно-приватно партнерство, ако нема доволно буџетски средства за оваа намена. Така банките би продолжиле со финансирање проекти и инвестициски програми на претпријатијата, бидејќи ќе имаат гаранција од тие фондови дека 60-80 отсто од одобрените средства би им се вратиле - вели професорката Марија Зарезанкова Потевска.
Преземање дел од ризикот
Според Пешев, банките по извршената анализа на проектот, треба да преземат дел од ризикот, со што пласманот ќе биде оценет уште пред да настане обврската, односно нема да даде пари ако проектот не е добар и профитабилен.
- Сега банките се покриваат со хипотека, а проектот не ги интересира многу. Многу ретко банката влегува во суштината на проектот. Најчест принцип е - во ред, си имаш свои планови, покриј ги со гаранција и враќај го заемот, а не за колку време ќе се врати инвестицијата и дали е исплатлив проектот. Моите очекувања се дека сериозно поместување во овој дел би се случило откако на пазарот ќе се појават повеќе финансиски институции подготвени да го кредитираат стопанството - вели Пешев.